1 Corinthians 4
1 И така, секој човек нека нѐ смета нас за служители Христови и управници на тајните Божји,
2 а од управниците понатаму се бара секој од нив да се покаже верен.
3 За мене сосема малку значи што мислите вие за мене, или што мислат другите луѓе; јас и самиот не судам за себеси,
4 зашто во ништо не се чувствувам виновен; но со тоа не се оправдувам: судија ми е Господ.
5 Затоа, пак, не судете ништо пред време, додека не дојде Господ, Кој ќе ги изнесе на видело тајните на мракот и ќе ги објави намерите на срцата; и тогаш пофалбата на секого ќе му биде од Бога.
6 Ова го направив, браќа, кон себеси и кон Аполос заради вас, за да се научите од нас да не мудрувате повеќе од она, што е напишано, и да не се гордеете еден пред друг поради некого.
7 Оти, кој ти дава предимство? Што имаш, што не си добил? А штом си примил, зошто се фалиш, како да не си примил?
8 Презаситени сте веќе, се збогативте веќе и се зацаривте без нас; камо да се бевте зацариле, та и ние да царуваме со вас!
9 Мислам, дека нас апостолите, Бог нѐ постави најпоследни, како осудени на смрт; бидејќи станавме призор на светот – на ангелите и на луѓето.
10 Ние сме безумни заради Христа, а вие сте мудри во Христа; ние сме немоќни, а вие сте силни; вие сте славни, а ние бесчесни.
11 До овој час ние и гладуваме, и жедуваме, и необлечени одиме, се мачиме и се потураме по светов,
12 но се трудиме, работејќи со своите раце. Кога нѐ укоруваат, ние благословуваме, а кога нѐ гонат – трпиме;
13 кога хулат на нас, ние се утешуваме. Станавме како сметиште на овој свет, како отпад на сите луѓе.
14 Но ова ви го пишувам не за да ве посрамам, туку да ве поучам како мои омилени чеда.
15 Зашто, ако имате и на десетина илјади наставници во Христа Исуса, многу татковци немате, бидејќи јас ве родив во Исуса Христа преку Евангелието.
16 Затоа, ве молам, подражавајте ме мене, како што јас – Христа.
17 Браќа, затоа го пратив при вас Тимотеј, кој ми е возљубено и верно чедо во Господа; тој ќе ви ги напомни патиштата мои во Христа, како што насекаде и во секоја црква учам.
18 Некои се возгордееја, како да не ќе дојдам при вас;
19 но наскоро ќе дојдам кај вас, ако сака Господ, и ќе ги познаам не зборовите, туку силата на оние, што се возгордеале,
20 зашто царството Божјо не е во зборови, туку во силата.
21 Што сакате? Со стап ли да дојдам при вас, или со љубов и кроток дух?